| | Sitemap | EN | SQ
Програма за работа на Државниот завод за индустриска сопственост во 2006 година
Вовед

Државниот завод за индустриска сопственост е институција надлежна за спроведување на административната постапка за стекнување и одржување на правата од индустриска сопственост.
Со измените и дополнувањата на Законот за индустриската сопственост ("Службен весник на Република Македонија" бр.47/02, 42/03 и 09/04) од февруари 2004 година, Заводот од орган во состав на Министерството за економија прерасна во самостоен орган на државната управа со што државата ја покажа својата решителност да го подигне значењето на заштитата на правата од индустриската сопственост. 
Заводот исправен пред обврските кои произлегуваат од Законот, но и обврските од евроинтеграционите процеси, членството во Светската организација за интелектуална сопственост, Светската трговска организација и учеството во својство на набљудувач во Европската патентна организација презема низа активности соодветно и најодговорно да одговори на поставените задачи на планот на хармонизација на легислативата, прифаќање на меѓународни договори и конвенции, зајакнување на билатералната соработка, учество во телата на Организациите, освен на Светската трговска организација, активности на планот на афирмација и поттикнување на индустриската сопственост. Заводот активно учествува во процесот на пристапување кон ЕУ, во одговорите на прашалникот на Европската комисија, подготовка на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, подготовка и реализација на Акциските планови, состаноци на работни групи и тела и спроведување на заклучоците од Извештајот на Европската комисија. 
Со воведување на автоматизирано водење на управната постапка, користење на ИПАС автоматизираниот систем на Светската организација за интелектуална сопственост и Проект финансиран од Европската комисија, создадени се услови базите на податоци со кои располага Заводот да станат достапни на јавноста ширум светот, што ќе се овозможи со дизајнирање на новата web станица на Заводот.
Како следен чекор од кој во голема мерка ќе зависи најсоодветно исполнувањето на сите задачи, ќе биде остварување на предвидените вработувања и систематско и соодветно обучување, како предуслов за втурнување во фаза на посоодветна едукација кај поискусните вработени и нивно насочување кон истражувачки и покративни цели, ослободени од теретот на секојдневни административни активности. На тој начин, тие ќе можат да одговорат на задачите на внатрешна едукација, но и поширока едукација, вклучително и промоција, но и подготвување на соодветни водичи, упатства, но и во подготовка на пракса на инстутицијата.
Опфаќањето на аспектите на интелектуалната сопственост во развојната политика е се понагласено, не само во развиените земји, туку и во земјите од средна и источна Европа и земјите во развој. При креирањето на развојната политика во разните полиња на делување конвенционалното сфаќање на интелектуалната сопственост е веќе променето, така што во новиот милениум таа нема да се сфаќа само како посебна област, но како ефикасен инструмент кој ќе биде релевантен фактор во утврдување на развојната политика.
Факт кој што пак во последно време радува е тоа што очигледно е дека и во Република Македонија се менува сфаќањето во врска со вреднувањето на интелектуалниот труд и дека се повеќе се зголемува свеста за вредноста на индустриската сопственост. Тоа се потврдува со постојаниот пораст на бројот на пријави за заштита на правата од индустриска сопственост од корисници од земјата. 
Ова се потврдува и со донесената одлука на Владата на Република Македонија за формирање на Координативно тело за индустриска сопственост кое ќе работи на планот на зајакнување на системот на спроведување на заштитата на правата од индустриска сопственост преку координација на работењето на сите субјекти вклучени во системoт, а Заводот е назначен како координатор на активностите кои произлегуваат од функционирањето нa ова тело. Со тоа Заводот се појавува не само како институција која ќе го координира процесот на зајакнување на целиот систем на развој и заштита на правата од индсутриска сопственост, туку и на системот на спроведување на заштитата на правата од индсутриска сопственост. 

Токму во насока на успешно, квалитетно и навремено извршување на работите и задачите кои произлегуваат од Законот за индустриската сопственост и соодветно исполнување на обврските преземени со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и Акцискиот план за Европско партнерство за 2006 година, како и соодветно одговарање на местото и улогата на Заводот во целокупниот систем на заштита на правата од индустриска сопственост, е основната рамка на која е градена оваа Програма на Заводот. Со едно вакво дефинирање на целите, очекуваните резултати и активностите кои е потребно да ги превземе Заводот, сметаме дека Заводот ќе успее да даде придонес во зголемувањето на свеста за значењето на индустриската сопственост, подобрување на соработката со други земји и меѓународни организации, создавање стручен и компетентен кадар и создавање услови за привлекување на странски инвестиции со обезбедување правна сигурност во доменот на заштитата на правата од индустриска сопственост. Тоа ќе го остварува преку унапредување и ажурирање на извршувањето на работите и задачите во управната постапка, модернизација на легислативата, зајакнување на меѓународната соработка, постојано стручно усовршување на вработените и обука на другите учесници во заштитата и преземање активности за проширување на свеста за значењето на индустриската сопственост.

Акцентот на активностите на Заводот во 2006 година ќе биде ставен на зајакнување на системот на спроведување на правата од индустриска сопственост преку реализација на програмата на Координативното тело за индустриска сопственост.

За доследно спроведување на оваа програма, Заводот преку подготвување на оперативните планови кои ја следат оваа програма, и во наредниот период, ќе се обврзе и ќе настојува да одговори на поставените цели и задачи, секако имајќи ги во предвид исполнувањето на посочените субјективни и објективни фактори. 

Врз основа на претходните напомени, Програмата е поделена на 7 потпрограми:

1. Спроведување на управната постапка за заштита на индустриската сопственост;
2. Унапредување на правната рамка за заштита на индустриска сопственост;
3. Меѓународна соработка;
4. Зајакнување на системот на заштита на правата од индустриска сопственост;
5. Обука на вработени и други учесници во заштитата;
6. Промоција и поттикнување на заштитата на индустриската сопственост.
7. Активности за унапредување на внатрешната организација и функционирање на Заводот согласно други позитивни прописи и активности околу статусот на државните службеници; 
8. Унапредување на работењето на Заводот.


1. Спроведување на управната постапка за заштита на индустриската сопственост
Цели :

· Обезбедување ефикасно и ажурно работење во постапката за признавање на правата од индустриска сопственост;
· Унапредување на работењето преку користење на софтверите за патент, трговска марка, индустриски дизајн, ознака на потекло на производот и географска ознака и архивско и библиотечно работење;


Очекувани резултати:

· Зголемување на продуктивноста во Заводот преку: зголемување на бројот на пријави за заштита; зголемување на бројот на обработени предмети; зголемување на бројот на издадени документи. 
Активности:
· Обработка на пријави на патенти;
· Обработка на пријави на индустриски дизајн;
· Обработка на пријави на трговски марки;
· Обработка на пријави за заштита на географски називи и барања за овластени корисници;
· Рекласификација на признати патенти според осмото издание на Меѓународната класификација на патенти; 
· Постапување по приговори на објавени пријави на трговски марки и индустриски дизајн;
· Постапување по жалби за донесени решенија и заклучоци;
· Постапување по барање за ништовност на донесени решенија;
· Постапување по барања за укинување на решение;
· Постапување по барања за упис на промени во регистрите;
· Евиденција на уплата на такси и трошоци за признаени права и за одржување на правата;
· Издавање исправи за признаените права;
· Постапување по барања за продолжување на важењето;
· Упис на лиценци и преноси на права од индустриска сопственост;
· Обработка на меѓународните регистации по меѓународни договори;
· Издавање потврди, изводи од регистар; уверенија за право на првенство и др;
· Упис на застапници, продолжувања на уписот, промените и др. во врска со застапниците;
· Издавање на службено гласило за признаените права, промените кои настануваат во врска со правата, објавување информации и др;
· Издавање на преводи на меѓународни конвенции и договори, преводи на меѓународни класификации и др;
· Пребарување на базите на податоци и издавање документ за состојбата во базите, на барање на заинтересирани странки.


Извршители

1. Сектор за патенти и технолошко набљудување 
2. Сектор за трговски марки, индустриски дизајн и ознака на потекло и географска ознака
3. Сектор за меѓународна соработка и правни работи
4. Сектор за општи работи


2. Унапредување на правната рамка за заштита на индустриската сопственост ;

Цели:

· Перманентно обезбедување информации за промените во светската регулатива во доменот на индустриската сопственост;
· Усогласување на домашната регулатива со регулативата на Европската унија, Европската патентна конвенција и меѓународните договори;
· Обезбедување поефикасна административна постапка особено преку обезбедување на унифицирана пракса;
· Обезбедување адекватно покривање на поедини аспекти од спроведувањето на правата од индустриска сопственост со други закони;
· Обезбедување соодветна правна заштита на индустриската сопственост како основ за привлекување странски инвестиции.

Очекувани резултати:

· Усогласување на домашната регулатива со барањата на Европската Унија, Европската патентна конвенција, меѓународните договори и ТРИПс спогодбата;
· Прифаќање на меѓународни договори;
· Подобрување на функционирањето на институционалниот механизам во постапката на заштита и спроведување на правата од индустриска сопственост;
· Зголемување на ефикасноста во жалбената постапка;

Активности:

· Донесување на нов Правилник за дополнителен сертификат за заштита на медицински производи и нов Правилник за дополнителен сертификат за заштита на производи за заштита на растенија;
· Усогласување на поедини аспекти на административната постапка за признавање на правото на патент во согласност со барањата на Европската патентна организација заради усогласувањето со централизираната постапка на признавање според Европската патентна конвенција;
· Покренување иницијатива за измени во Законот за прекршоци и Кривичниот законик и подготовка на предлог измени на деловите кои се поврзани со индустриската сопственост;
· Следење на промените во меѓународни конвенции и договори;
· Следење на легислатива на Европската унија;
· Следење на домашната легислатива и давање мислење по закони и други прописи поврзани со надлежноста на Заводот;
· Спроведување на обврските на Заводот како контактно тело за СТО од областа на интелектуалната сопственост;
· Преводи на меѓународни конвенции и договори и др.
· Подготовка и издавање упатства- водичи за стекнување на права од индустриска сопственост;
· Подготовка на интерни упатства за постапување во Заводот;
· Донесување на начелни ставови и мислења и нивно објавување во службеното гласило на Заводот.

Извршители 

1. Сектор за патенти и технолошко набљудување
2. Сектор за трговски марки, индустриски дизајн и ознака на потекло и географска ознака
3. Сектор за меѓународна соработка и правни работи
4. Сектор за општи работи

3. Меѓународна соработка
Цели:

· Подобрување на позицијата на земјата во меѓународни рамки;
· Зајакнување на врските и соработката со меѓународните институции од областа на индустриската сопственост.
· Зајакнување на билатералната соработка.
· Активно учество во работата на Советот на ТРИПС на СТО; 
· Зајакнување на соработката со инститциите на Европската Унија надлежни за индустриска сопственост;
· Подигнување на нивото на соработка со ЕПО, пристапување кон Европската патентна конвенција и зачленување на Република Македонија во Европската патентна организација;
· Создавање услови за вклучување во Европската Унија.

Очекувани резултати:

· Зголемување на обемот и интензитетот на контактите и соработката со меѓународните институции.
· Зголемување на вклученоста на Македонија во програмите на Светската организација.
· Зголемување на учеството на претставници од Македонија во телата на Светската организација.
· Покачување на нивото на соработка со Европската патентна организација и OHIM и отпочнување на постапката за членство во ЕПО;
· Придонес во решавањето на прашањата опфатени со ТРИПС;
· Градење систем на соработка со телата на ЕУ;
· Зголемување на обемот на билатерална соработка.


Активности:

· Продолжување на Договорот за соработка со ЕПО;
· Подгвување, следење и ажурирање на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ;
· Подготвување, реализација, следење на извршувањето и подготовка на извештаи за реализација на Акцискиот план за европско партнерство;
· Подготвителни активности за ратификување на Европската патентна конвенција;
· Следење на материјалите подготвени од Меѓународното биро Светската организација (WIPO), подготовка на мислење и забелешки, доставување податоци и информации и др.
· Согледување на подготвеноста за пристапување кон меѓународните договори и конвенции и подготовка на предлог план за динамиката за пристапување
· Учество во работата на Собранијата и работните тела на посебните унии на WIPO 
· Следење на документите на ЕРО и подготовка на мислења и забелешки;
· Учество во работата на телата на ЕРО;
· Следење на материјалите подготвени за Советот на ТРИПС и подготовка мна мислења и забелешки;
· Учество во работата на Советот на ТРИПС на СТО
· Следење на материјалите на телата на Европската Унија и подготовка на материјали за средби на работни групи, поткомитети и комитети на мешовитата комисија;
· Учество на состаноците на работни групи, поткомитети и комитети на мешовитата комисија;
· Билатерална соработка:
Ø Активности во врска со работата на Комитетот за соработка согласно Протоколот за соработка на Заводот со Турскиот институт за патенти; 
Ø Активности во врска со работата на Комитетот за соработка согласно Протокол за соработка со Управата за патенти и трговски марки на Република Албанија;
Ø Активности околу потпишување на Протокол за соработка со Заводот на Србија и Црна Гора;
Ø Активности околу потпишување на Протокол за соработка со Заводот на Република Бугарија;
Ø Активности околу потпишување на Протокол за соработка со Заводот на Република Унгарија;
Ø Активности околу потпишување на Протокол за соработка со Република Романија.


4. Зајакнување на системот на заштита на правата од индустриска сопственост
Цели:

· Подигнување на нивото на сорабока помеѓу органите и институциите вклучени во систенот;
· Зголемување на ефикасноста на спроведување на заштитата;
· Транспатентност во спровесување на заштитата и резултатите од преземените активности;
· Подигнување на нивото на јавната свест за значењето на заштитата на парата од индустриска сопственост и последиците од нивната повреда;


Очекувани резултати.

· Поефикасно спроведување на заштитата на правата од индустриска сопственост;
· Намалување на бројот на повреди на правата;
· Зголемена јавната свест за последиците од повреда на правата;
· Обезбедување пристап до базите на податоци за повредени права;
· Подобрување на условите за странски инвестиции.


Активности:

· Подготвување одлука за номинирање членови на Координативното тело за индустриска сопственост;
· Подготвување Деловник и Програма на Координативното тело;
· Реализација на Програмата на координативното тело за 2006;
· Реализација на проектот за формирање функционална база на податоци;
· Потпишување протокол за размена на податоци ;
· Спроведување на обврските од Протоколот; 
· Спроведување на обврските од Меморандумот за соработка со Царинската управа;


5. Обука на вработените во Заводот и други учесници во заштитата
Цели:


· Создавање кадар кој ќе обезбедува стручно и ефективно извршување на работите и задачите.
· Подобрување на функционирањето и зголемување на меѓусебната соработка на одделенијата во Заводот.
· Максимална примена на компјутерската технологија во работењето.
· Покачување на нивото на знаења на кадрите кај другите учесници во спроведувањето на заштитата на индустриската сопственост.
· Пошироко запознавање на вработените во Заводот и пошироката јавност со искуството стекнато од учество на разни тела, комитети, работни групи, семинари и друг вид обука;

Очекувани резултати:

· Зголемување на стручноста на вработените.
· Зголемена ефикасност во работењето.
· Скратување на роковите за решавање по предмети.
· Покачување на нивото на услуги кои ги дава Заводот. 
· Зголемување на нивото на знаења за значењето на индустриската сопственост и нејзината заштита кај другите учесници во системот на спроведување на заштитата (судии, инспектори, царински службеници, застапници).
· Обезбедување квалификуван кадар за застапување.

Активности:

· Студиски престој на вработени од Заводот во институции за заштита на индустриска сопственост од другите земји;;
· Учество на семинари, советувања и тренинг курсеви организирани од WIPO, EPO, OHIM и WTO;
· Учество во регионалните програми за обука во рамки на CARDS програмата за заштита на интелектуалната сопственост на Европската Унија;
· Учество на семинари од областа на заштитата на индустриската сопственост во организација на Заводот;
· Учество во рамките на обуките на ТЕМПУС Проектот, право на интелектуалната сопственост;
· Партиципација за курсеви за учење на странски јазици;
· Усовршување со обезбедување на следење стручна литература од областа на индустриската сопственост;
· У;ество во програмите на владините институции за обука на државни службеници во различни домени од работата на државните органи.

6. Промоција и поттикнување на заштитата на индустриската сопственост.

Цели:

· Промоција на новините во Закон за индустриската сопственост;
· Зголемување на свеста за значењето на индустриската сопственост.
· Пошироко запознавање со системот на заштита на индустриската сопственост.
· Запознавање на јавноста со целта и значењето на индустриската сопственост.
· Презентирање на инвентивниот труд во земјата и странство.
· Поттикнување на инвентивниот труд.


Очекувани резултати:

· Запознавање со новините во Законот;
· Зголемување на нивото на знаења за значењето на индустриската сопственост кај корисниците на услуги.
· Подобро сфаќање на трендовите во употребата на системот на заштита на индустриската сопственост и неговото значење во планирање на развојот.
· Зголемување на обемот на пријави за заштита на права од индустриска сопственост.
· Зголемување на интересот за користење на услугите на Заводот.


Активности:

· Издавање на пропаганден материјал;
· Издавање на публикации од областа на индустриската сопственост, превод и печатење на 3 буклети и 3 брошури издадени од Одделот за мали и средни претпријатија на СОИС И нивно прилагодување на националното законодавство, 
· Презентации во јавните медиуми;
· Посета на одредени факултети од сите универзитети и стопански субјекти во земјата.
· Презентирање на пронајдоците од Македонија на изложби во земјата и странство;
· Организирање на семинари или работилници за претставници од институции кои врШат спроведување на правата од индустриска сопственост;
· Организирање на Меѓународен семинар; 
· Финансиска помош за меѓународно пријавување на патенти;
· Соработка со невладини организации и потпишување договори за билатерална соработка ; 
· Организирање на Манифестацијата “Патент на годината” за најдобар пронајдок;
· Свечамо одбележување на светскиот ден на интелектуалната сопственост “26 Април”
· Дизајнирање на нова web страна на ДЗИС на која ке се овозможи пристап до базите на податоци на ДЗИС за пријавени и заштитени права од индустриска сопственост.

7. Активности за унапредување на внатрешната организација и функционирање на Заводот согласно други позитивни прописи и активности околу статусот на државните службеници; 
Цели:

· Усогласување со обврските кои произлегуваат од други позитивни прописи, а се однесуваат на функционирањето и работењето на државните органи и статусот на државните службеници;
· Спроведување на вработување согласно Правилникот за систематизација на работни места во Заводот;
· Дпроведување на процесот на соодветно и објективно оценување на државните службеници;
· Спроведување на процесот на адекватна и правична застапеност на заедниците.

Очекувани резултати: 

· Правна сигурност на органот;
· Унапредување на квалитетот на работа во извршување на задачите;
· Зголемување на одговорноста и степенот на работењето во Заводот;
· Зголемување на бројот на вработените од заедниците во Заводот.


Извршители:
Сектор за општи работи. 
8. Унапредување на работењето на Заводот 


Со цел унапредување на работењето на Заводот, освен претходно наведените цели и активности од оваа Програма, особено е потребно да се посвети внимание на следното: 
· Обезбедување поефикасна административна постапка особено преку остварување на унифицирана пракса;
· Подготовка на веб страна на Заводот со воведување на нови содржини; 
· Модернизација на хардверската опременост на ДЗИС заради зголемување на оперативноста на се посложените софтверски апликации како што се ИПАС системот, новите веб ориентирани бази на податоци и пристапот на EPOQUE net базите креирани и ажурирани од страна на Европската патентна организација;
· Имплементација на ИПАС софтвер во модул на индустриски дизајн; 
· Унапредување на соработката со застапниците, осдобено преку одржување на континуирани консултативни состаноци со единствена цел согледување на проблемите со кои се соочуваат застапниците во секојдневното работење во областа на заштитата на правата од индустриска сопственсост;
· Реализирање на вториот, оперативен дел од Проектот за мрежно поврзување на институциите вклучени во системот на заштита и спроведување на заштита на правата од индустриската сопственост;
· Обезбедување на нови кадри во Заводот и подготвување на систем за нивна соодветна едукација.


* * *


Како резултат на овие активности се очекува зголемување на обемот на заштита на правата од индустриска сопственост, подигнување на стандардите во заштитата на правата, покачување на нивото на свеста за значењето на индустриската сопственост и знаењата за системот на заштитата, зголемување на економските ефекти од примената на креациите на инвентивниот труд, а посебно во исполнување на обврските од Извештајот на Европската комисија за обезбедување поефикасно спроведување на заштитата на правата од индустриска сопственост преку активностите за зајакнување на системот на заштита кои ќе се реализираат со Програмата на Координативното тело за индустриска сопственост. 


Превземи

Објавено на 01.09.2013