Инкубатор за клеточна култивација со јонизирачки воздух На 3 декември 2008 година, во Хотелот “Александар Палас”, во организација на Државниот завод за индустриска сопственост се одржа традиционалната манифестацијата“Патент на годината“ за 2008 година, во склоп на прославата по повод одбележувањето на 15 годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија и ратификацијата на Европската патентна конвенција.
Манифестацијата беше отворена со поздравните говори од страна на г-ѓа Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Репулика Македонија и г-дин Сафет Емрули, директор на Државен завод за индустриска сопственост на Република Македонија. На манифестацијата беа присутни министри, пратеници, претставници од дипломатскиот кор во Република Македонија, претставници од стопанството, голем број застапници, пронајдувачи и други гости.
Официјалната церемонија започна со презентација и врачување на наградите на Македонските пронајдувачи чии пронајдоци беа изложени на Меѓународната изложба на идеи, пронајдоци и нови производи-IENA2008 година, која се одржа од 30 октомври до 2 ноември во Нирнберг, Германија.
Наградата за најдобар пронајдок односно наградата “Патент на годината – 2008” и беше доделена припадна на иноваторката д-р Лилјана Симјановска за пронајдокот“ИНКУБАТОР ЗА КЛЕТОЧНА КУЛТИВАЦИЈА СО ЈОНИЗИРАЧКИ ВОЗДУХ”, која е и добитничка на ЗЛАТЕН МЕДАЛ од стручното меѓународно жири на IENA 2008, ЗЛАТЕН МЕДАЛ со диплома од Меѓународна федерација на здруженијата на пронајдувачи (IFIA) за посебен придонес во областа на науката и ЗЛАТЕН ПЕХАР со диплома од Руската меѓународна асоцијација за научно-техничка соработка.
Беа доделени и јубилејни награди за посебни заслуги во афирмирањето на индустриската сопственост во Република Македонија и во меѓународните и регионални организации,и тоа на: г-дин Огњан Благоев, раководител на сектор во Државниот завод за индустриска сопственост, г-ѓа Софија Тодорова, професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје и Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово.
Во рамките на програмата беа претставени: историјат на 15 годишното работење на Заводот и активностите кои произлегуваат во доменот на заштитата на правата од индустриска сопственост во согласност со правната национална и меѓународна регулатива со посебен осврт на правата и обврските што ќе произлезат со пристапувањето на Република Македонија кон Европската патентна конвенција, која ќе започне да се применува од 1 јануари 2009 година. Настанот заврши со свечени говори упатени за соработката, истакнување на прашања од индустриска сопственост и честитки од страна на високи претставници на делегации од Светската Организација за интелектуална сопственост, Европскиот патентен завод, заводите за индустриска и интелектуална сопственост од регионот.