| | Sitemap | EN | SQ



Државниот завод за индустриска сопственост потпиша Меморандум на соработка со ФИТР

Државниот завод за индустриска сопственост денеска потпиша Меморандум на соработка со Фондот за иновации и технолошки развој. Целта на оваа соработка е поттикнување и промоција на домашните компании кои имаат иновативни пронајдоци како и запознавање на стопанствениците со значењето и вредноста на заштитениот продукт.
„Сакаме домашните компании да ги запознаеме со значењето на заштитените производи односно заштитените патенти, трговски марки, индустрискиот дизајни, географските називи бидејќи тие не само што ја јакнат конкурентноста на претпријатието туку го зголемуваат и нејзиниот углед преку кој компанијата го докажува својот технички капацитет, инвентивност и експертиза во областа во која тоа претпријатие работи.“, изјави Горан Герасимовски, директор на Државниот завод за индустриска сопственост.
Герасимовски исто така истакна дека, ДЗИС е силен партнер на иноваторите, кој постојано ги патентира и промовира нивните производи но и поттикнува нови иновативни решенија значајни за целото општество.
Соработката меѓу двете институции ќе се реализира преку низа активности насочени кон поттикнување на иновациите и нивна заштита, размена на информации, знаења и искуства, учество во работни тела и обуки, работилници и промоции.
“Очекувам дека ваквата соработка ќе придонесе за подигнување на свеста за потребата од заштита на иновативните производи и услуги на македонските компании, како и бенефитите кои произлегуваат од стекнувањето на заштитата. Со заеднички напори, размена на информации и идеи ќе овозможиме македонските иноватори да успеат и да станат поконкурентни на домашните и странски пазари.”, изјави Коста Петров, директор на ФИТР.
Потпишувањето на овој Меморандум е со цел да се промовира и подигне свеста за зајакнување на националните системи за индустриска сопственост со цел да се гарантираат, заштитат и користат правата од индустриска сопственост.

 

16.02.2021


Галерија на слики