| | Sitemap | EN | SQ



Меѓународна изложба 43- Mакинова 2022 и 20- Еконова 2022

И оваа година, во знак на соработката со Народна Техника и Сојузот на пронајдувачи и автори на технички унапредувања – СПАТУМ, претставници од Државниот завод за индустриска сопственост на Република Северна Македонија земаа учество на меѓународна изложба за креативни творби и иновации 43-МАИНОВА и 20-ЕКОНОВА, која се одржа од 8-10 ноември 2022, во Дом на АРМ, Скопје.

Целта на овој настан е да се стимулира креативноста и да се отвори патот кон создавање на нови пронајдоци и иновации.

На настанот учествуваа млади иноватори кои доаѓаат од основни и средни училишта и возрасни кои веќе имаат огромни искуства во оваа област. Тие успешно ги презентираа своите пронајдоци и научни истражувања и меѓусебно споделија свои размислувања и визии. Од Заводот беше дадена препорака пронајдувачите да ги искористат правата од индустриска сопственост (патент, трговска марка и индустриски дизајн) со кои се додава вредност на пронајдокот, но и да се користат базите на податоци со цел да се биде во тренд со најновите техничко-технолошки достигнувања.

Традиционално, Заводот учествуваше со претставник од Заводот во Оценувачката комисија на изложбата, во која се избираат пронајдоци според одредените критериуми и потоа во професионална арбитража со сите членови од комисијата се доделија наградите.

По традиција Заводот доделува три награди Дипломи со паричен износ од 5000 МКД во категорија на пријавен патент или дизајн, жена иноватор и млад пронајдувач.

На посебна пригода се одржа предавањето на наградите на која се обратија претставници од значајни институции надлежни во областа.
На настанот имаше чест да се обрати на присутните Г-дин Блерим Идризи, заменик директор на Државниот завод за индустриска сопственост и да ги предаде наградите во името на Заводот:

-Во категоријата пријавен патент наградата беше доделена за пронајдокот “Телесен топломер со изговор на повеќе јазици и вибрации за лица со потреби“ на пронајдувачот Димитрија Ангелков;

-Во категоријата жена иноватор наградата и припадна на иноваторката Благица Цекова за пронајдокот “Влијанието на зеолитот на почвата за одгледување на растенија”;

- Во категоријата млад иноватор наградата ја доби пронајдувачот Симеон Алексовски за пронајдокот “Индустриски процес реализиран со ПЛЦ контролер”.

Во завршниот дел беа поделени и благодарници за учество на претставниците од институциите кои дадоа придонес во одржувањето на оваа значајна манифестација.

10.11.2022


Галерија на слики