| | Sitemap | EN | SQ



Патент на годината за 2022 година

Државниот завод за индустриска сопственост го одбележува Светскиот ден на интелектуална сопственост 26-ти април 2023. Воедно на овој настан по традиција по 29-ти пат се додели наградата “Патент на годината за 2022”.

Наградата “Патент на годината за 2022” ја додели Директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Блерим Идризи на подносителот Плазма доо Скопје, за пронајдокот со назив “ФОТОТЕРМАЛЕН КОЛЕКТОР СО ПОДОБРЕНА ЕФИКАСНОСТ НА ТЕРМАЛЕН АБСОРБЕР” од пронајдувачите: Илија Насов и Анка Трајковска Петкоска.

И овој пат креативноста и творечкиот потенцијал на нашите пронајдувачи беа насочени кон изнаоѓање на нови технолошки решенија за да се ублажат последиците од енергетската криза и недостатокот на енергенси.

На овој настан се врачија и наградите на македонските пронајдувачи кои беа доделени на меѓународните изложби како што се “АРКА и АГРОАРКА” во Загреб и “ИНОСТ МЛАДИХ“ во Бања Лука.

Овие активности се организираат од Заводот со цел да се афирмира улогата на индустриска сопственост во поттикнување на создавање на иновации и креативни творби.

Во доменот на промоција на правата од индустриска сопственост беа поставени штандови на кои се делеше промотивен материјал.
-Штандовите беа поставени на Булевар “Македонија” и на влезот на Старата скопска чаршија на кои беа промовирани правата од индустриска сопственост како и придобивките од нивната заштита како основа за создавање на успешен бизнис.

Оваа година, Светскиот ден на интелектуална сопственост, за чиј концепт и организација е задолжена Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) се одбележува во знакот на “ Жени и ИС: Забрзување на иновациите и креативноста”. За таа цел се изготви брошура насловена “Креативни претприемачи и нивниот придонес во науката” (“CEBS Women – Creative Entrepreneurs Boosting Science”) од страна на Светската организација за интелектуална сопственост заедно со земјите-членки од Централна Европа и балтичките држави (CEBS).

26.04.2023


Галерија на слики