| | Sitemap | EN | SQ



Министерот за економија Ваљон Сараќини и министерот за образование и наука Панче Кралев го промовираа проектот ПАТЕНТИ.МК

Денеска во просториите на министерството за образование, се одржа прес конференција на која министерот за економија Ваљон Сараќини, министерот за образование и наука Панче Кралев   и професорката на Правниот Факултет Јадранка Дабовиќ- Анастасовска го промовираа проектот ПАТЕНТИ.МК.
“Проектот ПАТЕНТ.МК,  претставува веб портал на кој ќе се промовираат достигнувањата од научно-истражувачката работа  на истражувачите од високообразовните и научни установи“, информираше министерот Кралев.
Овој проект e реализиран во соработка со Заводот за патенти, кој ќе има за обврска редовно да доставува податоци до Министерството за образование и наука за одржување на порталот.

“Системот ќе овозможи внес на потребните информации поврзани со регистираните патенти иновативни пронадојци во Заводот за индустриска сопственост во Република Македонија или во било која друга странска институција за регистрација на национални или меѓународни патенти“, изјави Кралев.
Со проектот ќе се обезбеди координирање на стопанството и истражувачите и стимулација на иновативната работа. На порталот ќе бидат поместени содржини и алатки кои ќе обезбедуваат основање на иновативна база како и јавни дискусии и прибирање на предлози.

“Неопходно е да создадеме предуслови и соодветна клима за поттикнување на иновациите и истовремено да им ги ставиме на располагање на бизнис секторот. Но, истовремено многу значајно е и да обездиме заштита за иноваторите и нивните пронајдоци и патенти, со еден збор нивната интелектуална сопственост, како и индустриската сопственост што ја сочинуваат технологи, нови производи и услуги, брендови и друго“, истакна министерот Сараќини.

На полето на заштитата на интелектуалната и индустриската сопственост Владата на Република Македонија има направено  значителен прогрес во изминаатите неколку години.
“ Како никогаш претходно, развивме нови институции, соработуваме и се координиравме меѓусебно, го унапредивме законодавството и регулативата и ги зајакнавме механизмите на контрола за почитување на авторските и сродни права, одлучно сузбивајѓи ги сите форми на пиратерија и фалсификување на интелектуалната и индустриската сопственост“ појасни министерот за економија.

“Токму проектот што денеска го промовираме со Министерството за образование, според моја оценка, треба да придонесе кон приближување на понудата на научно знаење од страна на истражувачите на Универзитетите и побарувачката на иновации од страна на бизнис секторот, кој го сочинуваат компаниите, но и малите и средни претпријатија кои самите не можат да си дозволат значителни финансиски средства за истражување“ изјави Сараќини во своето обраќање.

“Би сакал на крајот да ги поттикнам и двете страни, и иноваторите и инвеститорите, да го користат овој портал како медиум преку кој ќе остварат обострана полза ,комапаниите, ќе добијат пристап кон идеи и решенија кои можат да ги направат нивните поизводи и услуги поконкуретни на пазарите, научниците и истражувачите ќе добијат вистинска валоризација на нивниот труд и знаење“, потенцира министерот за економија.

Професорката од Правниот факултет Јадранка Дабовиќ Анастасовска нагласи дека особено треба да се обрне внимание на тоа како бизнис заедницата да се поврзе со универзитетите, односно како софистицираните лаборатории од факултетите би се ставиле во функција на малите и средни претпријатија.

“Едноставно мора бизнис заедницата да сфати дека вредноста на нивниот капитал се зголемува со правата од интелектуална сопственост. Ако дадете во залог трговска марка или објект во кој е инкорпорирано право од интелектуална сопственост тогаш неговата цена  ќе биде многу поголема и ќе можете да го развивате својот бизнис“, наведе Дабовиќ Анастасовска.

11.08.2012