Постапката за признавање на правото на индустриски дизајн се поведува со поднесување пријава за индустриски дизајн до Заводот.
Пријавата на индустриски дизајн содржи:
- барање за признавање на правото на индустриски дизајн на образец ДЗИС-ИД1;
- прикази на индустрискиот дизајн кои може да бидат фотографии или графички прикази, на образец ДЗИС-ИД2;
- опис за новоста и особеноста на индустрискиот дизајн, доколку е потребен.
За секој дизајн за кој се бара заштита се поднесува одделна пријава.
Со една пријава за признавање на право на индустриски дизајн, може да се бара заштита на повеќе дизајни на производи (повеќекратна пријава).
Ако е поднесена повеќекратна пријава, сите дизајни од пријавата мора да се наменети за да се применуваат на производи класифицирани во иста класа според Локарнската класификација.
Повеќекратната пријава може да содржи најмногу 100 (сто) дизајни.
Поделба на пријавата на индустриски дизајн
Повеќекратната пријава на индустриски дизајн може, на барање на подносителот на пријавата, во текот на постапката за признавање на правото на индустрискиот дизајн да се подели во две или повеќе пријави.
Поделбата на пријавата на индустриски дизајн е дозволена до донесувањето на решението за признавање на правото на индустриски дизајн.
Пријавата на индустриски дизајн настаната со поделба на првобитната пријава на индустриски дизајн (разделена пријава) го задржува датумот на поднесување на првобитната пријава и првенството од првобитната пријава на индустриски дизајн.
Содржината на барањето за поделба на пријавата на индустриски дизајн е утврдена со Правилникот за индустриски дизајн.