Пред поднесувањето на пријавата треба да се утврди дали предметот што треба да се заштити може да се заштити како индустриски дизајн, односно дали претставува нова надворешна форма на определен производ.
Со право на индустриски дизајн се штити нова форма на тело, слика, цртеж, контура, композиција на бои, текстура или нивна комбинација, што може да се пренесе на определен индустриски или занаетчиски производ, или на негов дел, колку што е потребно да ги задоволи условите на новост и особеност.
Производот е било кој индустриски или занаетчиски изработен предмет, вклучително и делови кои се наменети да формираат сложен производ.
Дизајнот пренесен на производ, што е наменет да се вклопи во сложен производ, може да се штити како индустриски дизајн ако вградениот дел за кој се бара заштита останува видлив при нормална употреба на сложениот производ и кога видливиот дизајн на вградениот дел, самостојно ги задоволува барањата за новост и особеност.
Новост: Дизајнот е нов ако суштествено се разликува од оној што порано е пријавен и од оној што пред поднесувањето на пријавата и бил достапен на јавноста, освен ако пријавата е повлечена пред објавувањето на решението со кое се признава правото на индустриски дизајн.
Особеност: Дизајните се идентични кога нивните карактеристики се разликуваат само во небитни детали.
Дизајнот е особен ако на прв поглед стручно лице може да ја забележи разликата од дизајните што и' станале достапни на јавноста.
Дизајнот нема да се смета за особен единствено заради фактот што неговата примена се однесува на други индустриски и занаетчиски производи, односно нивни делови.